
Катимерини објави транскрипти од лидерските средби на македонскиот политички врв
Под наслов „Доверливите стенограми од лидерите на ПЈРМ“, грчкиот весник „Катимерини“ денес објавува дијалози од лидерските средби во Македонија одржани на 27 јануари и на 19 мај годинава, пред потпишувањето на договорот со Грција.
„Катимерини“ детално ги пренесува ставовите на Иванов, Заев, Димитров, Мицковски, Османи, Џафери.
На првата лидерска средба одржана на крајот на јануари годинава, според објавените дијалози од „Катимерини“, премиерот Заев на почетокот на состанокот вели дека е потребно решение, но не по секоја цена и дека „владата и опозицијата се согласуваат дека за било кое решение, потребен е референдум“, но и дека треба сите партии и претседателот да ја обединат мудроста за ефективно решение.
Шефот на македонската дипломатија на присутните им доставил примероци од документите на Нимиц на англиски и на македонски јазик и ги информира за средбите со медијаторот во Брисел и Њујорк и коментира дека рамката на Нимиц остава простор за маневри и не е предлог што треба да се отфрли или прифати.
„Грците бараат името да биде еден збор (Севернамакедонија) или да се пишува со цртичка (Северна- Македонија). Не им се допадна членот 5 од нацртот за преведување на името. Сакаат името да биде исто на сите јазици, како и на македонски. Сакаат голем спектар на употреба. Споменаа иредентизам“, информира Димитров.
На прашањето каква ќе биде Грција по изборите, што се отворило на лидерската, Димитров дал свое мислење?
„На власт ќе биде Кирјакос Мицотакис кој студираше на запад. Треба да побрзаме. Додека се караме, за Грците работите стануваат полесни“.
Зоран Заев, според она што го објавува грчкиот весник, на присутните им говори за околностите и за тоа дека со текот на времето тие стануваат понеповолни за Македонија и вели дека „ако не најдеме сега решение ќе изгубиме 10 години“.
„Предусловите се поволни, бидејќи во Грција на власт е левица. Ципрас се согласи со временскиот рок на Нимиц, но не се согласи со пишување на името на латиница. Предложи „Република Северна Македонија“ или „Горна Македонија“ според прототипите на Црна Гора или Белорусија“, објаснува Заев.
Во друг дел од состанокот, премиерот вели дека на средбата во Давос, Ципрас го прашал дали е решен да стигне до крај, на што Заев одговорил дека „моментот е позитивен , но не по секоја цена“ и додава дека грчкиот премиер сака решение.
Со ист став дека Ципрас сака решение е и претседателот Иванов, кој вели дека „процесот е премногу сложен“.
„Ципрас е попозитивен од Папандреу. Сака решение. Не положи заклетва пред црквата, послободен е. Мерките за градење доверба вродија плод. Но, со поставување временски период со преамбициозни цели сме во опасност да предизвикаме големо разочарување“, вели Иванов.
Османи, според објавеното во „Катимерини“ смета дека нема да постои друга шанса освен сега во 2018, следната може да е за 10 години.
Во продолжение разговорот се водел околу преговарачот Васко Наумовски, во однос на неговото отсуство од состанокот и дали тој требало да биде присутен или не, но и дали треба или не тој да ги води преговорите или министерот за надворешни работи.
Ивор Мицковски