Столтенберг: Политичките лидери да работат конструктивно и одговорно

На Скопје е да ги определи следните чекори. Ова е пораката која стигна денеска од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по референдумот во Македонија, заедно со неговото поздравување на гласањето „за“, но и повторување на ставот дека НАТО е подготвено да ја пречека Македонија како 30-та членка. Столтенберг го повтори и условот кој треба да се исполни за тоа  – имплементација на Договорт за името.

„Ова е историска можност. Ги повикувам сите политички лидери и партии да работат заедно конструктивно и одговорно за да ја искористат оваа можност“, рече Столтенберг.

Столтнеберг кој рече дека нема друг начин за членсто на земјава во НАТО. Тој очекува пристапните преговори со Македонија да завшат до јануари, а откако сите уставни измени за новото име ќе се завршат, ќе биде потпишан пристапниот протокол, по што земјава ќе може да седне на масата на НАТО, на почетокот од идната година.

Столтенберг информираше дека синоќа телефонски разговарал со премиерот Заев, велејќи дека ќе останат во близок контакт.

И посредникот во спорот за името Метју Нимиц упати порака до политичарите во земјава велејќи им дека ќе мора да донесат крупни одлуки за иднината на својата земја. Коментирајќи го недоволниот одѕив на гласачите на референдум, Нимиц  вели дека фокусот треба да се стави на оние кои излегоа и гласле „за“, бидејќи оние кои се против и не гласале не нудат друга алтернатива.

Според Нимиц, Договорот од Преспа е најдобро можно решение и го отвора патот за стабилна иднина на целиот Балкан.

Од Грција пак стигна одговор на дилемата која по референдумот се отвори во земјава, за тоа, дали тој претставува услов за Атина. Грчкиот шеф на дипломатиијата, Никос Коѕијас, во интервју за државна ЕРТ посочи дека тој не е услов.

„Договорот вели дека референдумот е избор на Владата на Скопје, но не е ниту услов, ниту предуслов, ниту правно барање за имплементирање на Договорот од Преспа, ова е од голема важност“, изјави Коѕијас.

Коѕијас притоа е на став дека во Македонија гласачкото тело не е поголемо од 1,1 до 1,2 милиони и оти „за“ Договорот всушност се изјасниле над 50 проценти од вкупниот број на гласачи. Во тој контекст Коѕијас даде коментар и за македонската опозиција, велејќи дека таа решила на своето „не“ да ги пише мртвите и отсутните за да создаде чуство на навистина мал процент. Според него опцијата „за“ го добила максимум што можела да го добие“.

Коѕијас на опозицијата во Грција пак и даде предлог, кога Договорот ќе се гласа во грчкото собрание Нова демократија да им даде зелено светло на своите пратеници да гласаат по свое убедување, а истото дека ќе го стори и владеачката коалиција на Ципрас.  Тој притоа е дециден дека претстојните избори во Грција нема да се комбинираат со ратификацијата на Договорот.

„Не. Ние прво ќе го ратификуваме Договорот од Преспа. За тоа веќе разговаравме со премиерот“, изјави Коѕијас.

Коѕијас во интервјуотот Договорот за името го оцени како екстремно добар и корисен за земјата и за регионот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ