
Девојче фрлено од прозорец во училиште во Аеродром
Индицентот со 14-годишното девојче кое било фрлило од четири соученици од прозорецот на училницата на приземје се случил во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската населба Аеродром.
Во полициската станица Аеродром Е.Ц. (50) денеска пријавил дека на 28 септември во училиште во Аеродром се случило насилство.
Како што соопшти МВР, пријавено било дека во периодот од 10:30 до 11:00 часот во основно училиште во населбата Аеродром, за време на малиот одмор, четири малолетници-ученици во училиштето фатиле за нозе и раце нивна 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата што се наоѓа на приземје и ја фрлиле на земја.
Девојчето се здобило со телесни повреди.
Родителите на малолетниците што го извршиле нападот се повикани во полициска станица и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Излезе и реакција од МОН, кое спроведува истрага без конкретни детали.
„Министерството за образование и наука го осудува секој вид на насилство во училиштата. Сакаме да ја информираме јавноста дека се преземени сите неопходни мерки во врска со конкретниот настан и дека истиот ќе биде целосно и брзо расчистен, по што ќе ја информираме јавноста за исходот. Информираме дека Државниот просветен инспекторат веднаш по добивањето на информациите, започна инспекциски надзор во насока на утврдување на фактичката состојба и лоцирање на одговорност. По целосно завршување на постапката, од страна на инспекторите ќе биде подготвен извештај, врз основа на кој ќе се донесат и одлуки за следните чекори и понатамошни постапки. МОН и сите надлежни институции имаме должност да ги заштитиме децата во рамките на образовниот систем и тоа и го правиме.
Впрочем, нашата заложба преку законските одредби, системските мерки, како и бројни проекти и активности кои се реализираат во соработка со локалните самоуправи, странските и домашните партнерски организации, граѓанскиот сектор, самите раководства на училиштата и стручните психолошко – педагошки служби, родителите, наставниците и учениците е превенирање и искоренување на девијантните појави во училиштата. Неприфатливи се сите форми на ученичко насилство иницирано од нетолерантност, избувливост, меѓусебни докажувања и слично. Заложбите на МОН продолжуваат и ќе бидат и конкретни активности во периодот што следи и секако, никогаш нема да запрат, затоа што имаме нулта толеранција кон насилството и порака за мирно решавање на конфликтни ситуации, кои најважно да бидат навремено детектирани“.