Бизнисот не сака избори, по референдумот да се делува брзо и едноставно

Бизнисот со експресна реакција на зборот избори. Стопанската комора на Македонија бара стабилност и сигурност по најавата на премиерот Зоран Заев дека е можно предвремено одмерување на силите, повикуваат дека процесот по вчерашниот референдум треба да заврши што побрзо и поедноставно. Рано е да се каже дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, велат од кмомората, но за фирмите е важно да нема турбуленции кои би предизвикале проблеми врз производството и инвестициите.

„Очекувањето е колку може поедноставно и побрзо овој процес да се заокружи за да не се предизвикаат негативни последици по натамошниот економски раст. Во минатото беше евидентно, и тоа го покажуваа сите статистички показатели, дека во услови кога имаме избори и одредени кризи, стопанството не е имуно и се доведува во пад или стагнација“, вели Билјана Пеева Ѓуриќ, в.д. извршна директорка на Стопанската комора на Македонија.

Минатата година ја завршивме со стагнација, но затоа оваа влеговме во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат – во првото полугодие економијата порасна за 1,6 отсто. Институциите мора да бидат стабилни и да функционираат добро ако сакаме оваа година да ја финишираме позитивно, со планираниот раст од 3,2 отсто.

„Доколку сакаме да го постигнеме оној раст кој беше предвиден и планиран, од 3,2 отсто, треба навистина да постојат реално такви состојби на пазарот, и да немаме некои непредвидени движења, дали се предизвикани на домашната сцена, или од надворешни фактори, за да можеме да го постигнеме тој раст“, вели Пеева.

Покрај домашните, на предвидливост инсистираат и странските инвеститори, кои веќе ги прават своите планови за работа за наредниот период, па секое поместување може негативно да им се одрази.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ