
Приведена сестра на пратеничка а кривична за напаѓачот на тројца полицајци во Ново Лисиче
22-годишниот скопјанец кој утрово пред избирачко место во Ново Лисиче се расправал и се судрил со полицајци кои потоа го привеле, може да биде осомничен за дело напад врз службено лице, велат од обвинителството кое има посебна група за истражување нерегуларности на референдумот.
Ова е најсериозниот инцидент кој претпладнево и во текот на референдумскиот ден се случил во близина или на избирачките места. Гласањето не било прекинато. Вкупно во МВР до 18:00 се регистрирани 26 инциденти. Во Гостивар пак е приведена сестра на пратеничка, која заедно со уште едно лице сликала гласачи.
Најмногу од нерегуларности отпаѓаат на навредување на избирачи, нивно фотографирање и нелегално снимање, вкупно 15 вакви инциденти се пријавени во МВР. Шест случаи се кога гласачи го фотографирале или скинале ливчето, жена во општина Центар за снимање користела пенкало со вградена камера. Во Грчец поради недостиг на ливчиња гласањето било прекинато 40тина минути. На избирачко место во Ласкарци, во училиштето Братство во Скопје, член на избирачки одбор навредувал полицаец. Во двор на училиште Живко Брајковски во Скопје се расправале набљудувач и граѓанин, а во радовишкото село Ораовица во дворот на училиштето каде било избирачкото место се расфрлани летоци за што лицето кое го правело тоа ќе добие прекршочна пријава.
Миомир Серафиновиќ