
Гласање во скопската општина „Кисела Вода“
Вратите отворени на време, кутиите и гласачките ливчиња подготвени, членовите на избирачкиот одбор сите присутни на своите позиции во избирачкото место. Започна референдумското гласање.
Според податоците на Државната изборна комисија, право на глас имаат над милион и 800 илјади гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список.
- Гласањето започна на време, во 7 часот наутро. Изборниот материјал ни пристигна на време и се беше во ред. Ова изборно место има 534 гласдачи, изјави Душица Трајковска – Претседател на Избирачки одбор на гласачкото место.
На референдумот, во изборното место 5050 во Државната изборна комисија, први гласаа 104 членови на избирачките одбори кои го спроведуваа гласањето во дијаспората.
Вчера, гласаа македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство. Излегоа 2.695 гласачи во 33 дипломатско конзуларни претставништва.
Своето гласачко право во сабота го остварија и лицата во казнено поправните установи, болните и изнемоштените.
- Очекувањата се дека во 7 часот точно на време е започнато гласањето на 3513 избирачки места низ државата. Крајот на денот ќе покаже каков е резултатот од референдумското гласање.
Петар Догов