Срамни закани на иселениците во Австралија, во Македонија мирно гласање на затворениците

Не беше секаде мирно, во Мелбурн во Австралија беше отворено првото  гласачко место пред кое иселеници од Македонија стоеја и на оние што доаѓаа да гласаат им се закануваа, ги колнеа и навредуваа. Видеата кои не може да го објавиме поради строгите правилници на Агенцијата за медиуми, самите напаѓачи ги ставаа на фејсбук, но подоцна го ограничија пристапот до нив. Инцидент на раб од физички напад врз гласачи имало и во Канбера. Но таму интервенирала австралиската полиција, каде биле повикани полицајци кои со оружје и со панцири ги регистрирале насилните иселеници, раскажаа за Телма граѓани од главниот австралиски град. Во ДИК велат дека немаат многу надлежности за австралиска територија надвор од гласачкото место и допрва ќе испитуваат.

Од МНР пак ги осудија постапките на иселениците од Македонија пред дипломатските претставништва во Австралија кои јавно се фалеа со притисок врз гласачи и со прекршување на правото на приватност за време на гласање.

  • Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо. Локалните власти во Австралија се веќе известени за немилиот настан. Овие сериозни прекршоци се недопустливи и во најскор можен рок ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на чинителите, велат од МНР.

На други места немаше инциденти, а мирно беше и во македонските затвори, меѓу кои и во најголемиот затвор во Идризово.

Неколкумина затвореници се пожалија дека не им е овозможено да гласаат затоа што немаат лични карти. Од ДИК велат дека претходно секој затвореник кој немал документ, а своерачно потпишал барање бил сликан и има лична карта. Еден од оние што гласаа беше и Исмаил Лимановски.

И во затворот во Штип се гласаше. Во црвен коверт се ставаа гласачките ливчиња и се праќаат во општинските изборни комисии од каде се затворениците.

Вкупно 1558 гласачи ќе гласаат во затворите, речиси половина се во Идризово. Ден пред референдумот гласаат и 2694 гласачи во дијаспората. Право на гласање имаат и седум внатрешно раселени лица. До ДИК досега стигнале два приговори на гласачи кои се жалеле дека не може да го остварат своето право и ги нема на спсиокот, но тие се одбиени.

Телма вчера објави дека граѓаните на кои им истекува рокот на важење на лични карти меѓу затворањето на избирачкиот список на 7-ми септември и денот на референдумот, се избришани од списокот поради спорната методологија која со години не се исправа.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ