
Обвинителката со непреведени докази, адвокатите без слободни термини, судијата го одложи процесот за случајот Тамара
Дванаестемина обвинети за случајот со 9 годишната Тамара Димовска од Велес никако да слушнат за што се обвинети, ниту пак да се изјаснат дали се чувствуваат виновни. По четврти пат судијата Марин Станевски го одложува стартот на процесот за смртта на девојчето, кое не дочека лекување во странство.
Требаше да започне во јуни, но или обвинетите не беа уредно поканети, или имаа закажано операции, а денеска се одложи бидејќи обвинителката Наташа Гоџовска доставила докази кои не се преведени. На ова реагираа адвокатите кои велат дека се работи за битни преписки и документи од клиники од Хрватска и Турција кои мора да ги имаат на Македонски за да започне судскиот процес.
И покрај тоа што обвинителката рече дека во моментов ги повлекува, адвокатите инсистираа судењето да се откаже. По ова не можеа да најдат слободен термин.
Адвокатот Сашо Дуковски е ангажиран за судењето за „крвавиот четврток“ и рече дека во наредниве три месеци има закажано 65 рочишта. Сите негови слободни термини не беа слободни за адвокатката Татјана Поповски Буловски, затоа што во тие денови е закажан „Титаник“, процесот каде таа е ангажирана. И обвинетите доктори коментираа дека и тие имаат „Мој термин“ и дека два дена по ред не смеат да не се појават во операциона сала.
После речиси едночасовно натегање судијата одлучи сам да ги најде деновите кои не се зафатени со големите судски процеси на СЈО и на обвинителството за организиран криминал. Првото продолжение е закажано за по еден месец кога во судница ќе мора да се слушне обвинението и да се изјаснат обвинетите, дали се чувствуваат виновни. За ова судот ќе мора да обезбеди дополнителни маси и камери во судницата.
Инаку повеќе од три години траеше истрагата за смртта на девојчето кое не дочека лекување во странство. Обвинети се доктори од комисиите за конзилијарно мислење, членовите на фондовските комисии, екс директорите на фондот и членови на управниот одбор. Обвинети се за несовесно работење во службата.
Билјана Николовска