
Референдумот под лупа на 12.500 набљудувачи
Со 5.574 акредитирани, Здружението за граѓански политики и иницијативи ЕДУЛСЈ е најбројниот домашен набљудувач. Од релативно непознатата граѓанска организација, формирана пред три години, за Телма велат дека нивниот интерес за следење на референдумот произлегува од начелата за заштита на правото на глас, слободата на избор и тајноста на гласањето. Со големиот број набљудувачи сакаат да обзбедат подобра покриеност на гласачките места и рано предупредување за потенцијалните нерегуларности на денот на гласањето.
Со 3.736 акредитирани, втора по бројност е Македонската платформа против сиромаштијата. Има искуство од Локалните избори во 2013-та. Велат дека нивната намера е да внимаваат да биде испочитувано правото на изјаснување на секој граѓанин.
Долгогодишниот авторитетен и искусен набљудувач на изборните процеси, МОСТ, за референдумот определи илјада 902-ца активисти. Во согласност со меѓународно признати стандарди, ги набљудувал сите изборни процеси од 2002 до сега, државниот референдумо од 2004 и три локални референдуми.
Во бројката од вкупно 11.927 домашни набљудувачи, партиципираат и Цивил со 307, Ленка со 129 и други.
Во ДИК се акредитираа и 493-ца меѓународни набљудувачи, 194 преведувачи и 111 странски новинари. Најбројна е мисијата на ОБСЕ ОДИХР со 197 претставници.
На сите нив, ДИК им препорача да бидат професионални и непристрасни, а своите заклучоци да ги засноваат на документирани и потврдени факти.
ДИК ги повика и избирачките одбори и општинските изборни комисии да бидат коректни во спроведувањето на референдумот.
На сите акредитирани, ДИК им укажува дека се должни да ги почитуваат законите и процедурите пропишани во специјалниот Кодекс за набљудување на референдумот.
Соња Николовска