
Јавната пропаганда стивна, утре стартува гласањето за референдумот
Јавната пропаганда од полноќ стивна. Единствени кои овие два дена ќе ги потсетуваат граѓаните за нивните права, се Државната изборна комисија, кои својата кампања, „Твој став, твое право“, ќе можат да ја тераат и во следните два дена.
Право на глас на референдумот имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список. Од тие, утре, во своите домови ќе гласаат 1.859 лица кои се пријавиле како болни и изнемоштени, како и лицата во домашен притвор. Најмногу болни се пријавиле во Демир Хисар – 145, во Прилеп – 143, во Струмица 107 и во Крива Паланка 100.
Еден ден претходно ќе гласаат и затворениците и државјаните на Република Македонија во странство. За гласање во 33 дипломатско конзуларни претставништва се пријавиле 2.695 македонски државјани. Најмногу ги има во Берн, Венеција, Љубљана, Виена и Торонто, а најмалку, само 10, се пријавени во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.
Во државата, референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини. Процесот на гласање и соопштувањето на резултатите ќе се спроведува според Законот за референдум и правилата се речиси исти како и на избори. Гласачките места се отвораат во 7 часот наутро, а се затвораат во 19 часот вечерта. Гласачкиот материјал е веќе дистрибуиран до Општинските изборни комисии, а како што информираа од печатницата, ливчињата се испечатени со 20 типа на заштита, без никаква можност за копирање.
Од референдумот ќе известуваат 83 странски новинари, а ќе го набљудуваат околу 12 илјади домашни и речиси 500 странски набљудувачи.
Далиборка Дамјанска Цветановска