
Аналитичарите за кампањата на референдумот
Кампања во доминација на кампусот „за“, на речиси сите видови на медиуми, интензивна кампања за мбојкот претежно на социјалните мрежи и на интернет порталите и стратегија на ВМРО-ДПМНЕ да ја потисне кампањата. Овие случувања во изминатиот период, според аналитичарите, резултираа со тоа, народот во недела да избира помеѓу „за“ и „бојкотирам“.
Коалицијата „Заедно за европска Македонија“, претежно составена од владини лица на чело со премиерот, овој месец на секојдневни средби со граѓани, објаснуваа што ќе го добие земјава од зачленувањето во ЕУ и НАТО, но и за придобивките од Договорот со Грција. Конкретните објаснувања за Договорот зачестија последните денови, откако беа критикувани за тоа, дека повеќе се фокусирани на ЕУ и НАТО отколку на името на државата. На нивниот повик се приклучија и многу странски политичари и дипломати, па периодов се пречекуваа и по неколку високи гости на ден. Во Македонија дојдоа и германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, австрискиот канцелар Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Јоханес Хан и Федерика Могерини, како и десетици министри и премиери, порачувајќи да се излезе на референдумот.
Периодов беа покачени и платите во образованието и здравството, како и социјалната помош, што од опозицијата беше оценето како поткуп на гласачите.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, речиси и да немаа кампања. Уште на почетокот се откажаа од финансиските средства што Собранието ги делеше за таа намена, фокусирајќи се на средби со граѓани, на кои даваа неодредени и збунувачки одговори за тоа, како ќе постапат во недела. Официјалниот став е – секој да си постапи по свое убедување. Партиското раководство учествуваше на дебати за за штетноста на договорот,дел од членството повикуваше на бојкот, а дел да се излезе и гласа „против„.
Движењето „Бојкотирам“, составено од неколку партии, Светскиот македонски конгрес и Обединетата дијаспора, доминираше на интернет, со повиците в недела да се остане дома. Аналитичарите, сепак се убедени дека кампањата ќе влијае позитивно врз цензусот на референдумот.
Но, без оглед на техничкиот епилог, со оглед на тоа што референдумот е консултативен, аналитичарите се убедени дека крајната одлука ќе ја има мнозинството, што ќе резултира со политички притисок во Собранието.
Далиборка Дамјанска Цветановска