Компаниите од е-трговијата гледаат шанса во единствениот европски пазар

Земјава се уште е на дното во споредба со европските земји во однос на е-трговијата, иако во изминативе години има извесен напредок. Онлајн купувањето и продавањето е потешко за овдешните купувачи – имаат повисоки трошоци и помал избор на светски компании. Домашниот бизнис шансата ја гледа во европскиот единствен дигитален пазар, преку влезот во Европската унија.

„Тоа ќе значи отворање на потенцијален пазар од 500 милиони купувачи за македонските компании, а за македонските купувачи ќе значи дека ќе може да купуваат слободно од било која друга земја, без дополнителни давачки, царини, дополнителни даноци и процедури, значи слободен пазар, на кој е зголемено продавањето и купувањето, зголемени се можностите и изборот, како и подобри цени. Единствениот начин за напредок е во дигитализација, дигитално е-паметно општество, во кое сите ќе имаат еднакви права, во кое не знаете кој седи позади комјутерот и нема можност за корупција, и нема разлика меѓу етничка, полова и расна припадност“, вели Нина Ангеловска, претседател на Македонската асоцијација за е-трговија.

Младите претприемачи и стартап бизнисите, место да чекаат на шалтери и да се борат со административни пречки, би имале повеќе време за креативен развој.

„Македонските компании сега нема да бидат приморани да одат да отвораат сметки во други држави, за да го извршуваат бизнисот нормално. Има многу македонски е-трговци кои одат и отвораат сметки во други држави, а работат и создаваат во Македонија, но мораат креативно да се снаоѓаат за да може да ги пласираат своите производи на странски пазари“, вели Ангеловска.

Членките на единствениот европски пазар ќе очекуваат и значајни инвестиции во дигитализацијта, што ќе значи и отворање на нови работни места.

Само 20 отсто од сите интернет корисници во земјава нарачуваат онлајн. Дури 59 отсто од нив никогаш не купиле ништо преку интернет, а 18 отсто рекле дека тоа не го сториле бидејќи ги немаат потребните вештини.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ