
Одлуката на 30.09- драматично позитивна или драматично негативна за бизнисот
Одлуката што ќе ја донесат граѓаните на 30 септемрви може да биде или драматично позитивна или драматично негативна за бизнисот.На средбата со стопанствениците од комората на северозападна Македонија вицепремиерот Бујар Османи порача дека успешен референдум ќе значи политичка стабилност и предвидливост,отворање на границите на европскиот пазар, поконкурентен македонски пазар и предизвик домашните производи да се адаптираат на европскиот квалитет и стандарди.
- Ќе биде драматично негативна,ако хипотетички, овој процес не успее зашто ќе значи непредвидлвост, повлекување на странските инвестиции, немање храброст за домашни инвестиции и сето тоа ќе се рефлектира врз економскиот развој и џебот на граѓаните. Ситуацијата е црно бела , нема нијанси во оваа одлука, одлуката е за подобар економски стандард и подобра бизнис клима или за стагнација и економска криза, изјави вицепремиерот Бујар Османи.
Компаниите имаат јасен став за референдумот.Очекуваат приближувањето до ЕУ и НАТО да донесе бенефит за бизнисот , можност за забрзан развој, напредок но и предизвик да се докажат не само по балканските туку и по европските правила.
- Секоја стабилност и сигурност на државата значи перспектива за бизнисот. Членството во ЕУ и НАТО од овој аспект е многу битно. Ние сме „за“ референдумот зашто ќе ни се отворат вратите од големата куќа а придобивките ќе бидат големи не само за нас, туку и за сите земји од регионот, изјави Неби Хоџа, претседателот на Комора на Северозападна Македонија.
Стопанствениците очекуваат веднаш по референдумот, владата повеќе да се насочи кон бизнисот и да ја интензивира соработката за да се создаде подобар амбиент за стопанисување и поголем економски раст.
Виолета Зајкова Стојановска