Продолжува конфузијата во ВМРО ДПМНЕ?!

Недоразбирање, конфузија, слобода на изразување или предреферендумска тактика на ВМРО-ДПМНЕ? По различните ставови и изјави на партиските функционери во последниот период, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, во синоќешното гостување  во Топ Tема на Телма, внесе уште поголема забуна околу случувањата во ВМРО-ДПМНЕ. Изјави дека, изјаснувањето на дваесетмината пратеници на фејсбук дека нема да гласаат за уставни измени всушност не се разликува од неговиот став искажан еден ден претходно, дека доколку референдумот успее, ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува. Тврди дека ставот за уставните измени допрва ќе се утврдува иако пратениците јасно напишаа дека се против.

Пратениците на фејсбук јасно и недвосмислено пишуваа дека, не само што нема да излезат на референдумот, туку нема да поддржат ниту уставни измени.

Меѓу пратениците кои објавија вакви постови на своите фејсбук профили е и Владимир Ѓорчев, кој пишува дека договорот со Грција е лош, отвора уште многу прашања и прави простор за нови блокади.

Јохан Тарчуловски пак, беше уште порадикален. Се заколна дека никогаш нема да гласа за менување на Уставот. Ако, пак, го стори тоа, да биде убиен. Против уставни измени се изјаснија и Зоран Илиоски, Димитар Стевананџија, Лилјана Кузмановска, Ане Лашковска, Трајче Димков, Лилјана Затуроска, Дафина Стојаноска, Никола Мицевски и уште седуммина пратеници. Тие не сакаа јавно да зборуваат  за својот став. Илиоски кусо ни изјави дека, со самото тоа што ставот е објавен на неговиот профил на фејсбук, е јасно дека се работи за личен став. Партијата вели, си има други, официјални начини за комуникација со јавноста.  Истото го тврди и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Другата половина од пратеничката група е воздржана. Нема никаков став ниту од координаторот Драган Данев, ни од поранешниот координатор, Илија Димовски, иако членството постојано ги повикува да го сторат тоа. Молчат и пратениците обвинети за настаните од 27-ми април, а ставот не го кажал ниту почесниот претседател на партијата Никола Груевски. За разлика од нив дел од т.н. реформатори јавно повикуваат да се гласа на референдумот.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ