Петер: Ако референдумот пропадне, стабилноста на денарот ќе се наруши, земјата оди во изолација

Директно и без ракавици, првиот човек на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер отворено ги повика македонските граѓани да гласаат на претстојниот референдум. Ако тој пропадне и се пропушти шансата за влез во ЕУ, земјата ќе го изгуби кредибилитетот, а со тоа и довербата и вербата во иднината. Најпаметните ќе си заминат, ќе дојде до изолација на државата. Дури една милијарда евра финансиска помош од ЕУ за различни проекти, нема да дојдат во Македонија. Стабилноста на денарот би можела да биде нарушена, притисокот врз банкарскиот сектор ќе се зголеми, кредитите ќе бидат поскапи. Ако се испушти шансата за влез во ЕУ, увозот и извозот ќе се намалат, компаниите ќе ја изгубат конкурентноста, ќе се намалат странските директни инвестиции, алармира Петер.

Не сакам тоа да се случи, ниту предвидувам, но разнишување на денарот е можно, моето образование го поткрепува овој личен став.

„Една валута која ја користат два милиони жители не може да преживее, и како што самите кажавте, потребни се интервенции на НБМ за да се стабилизира курсот. Курсот функционира слично како акциите на берза, нивната вредност не зависи само од готовината, туку од довербата и предвидливоста, ако нема верба во иднината, ќе нема верба ни во валутата, се надевам тоа нема да го дознаеме“, вели Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека е сигурен оти референдумот ќе успее, а друга алтернатива нема. Затоа и смета дека засега никаква закана за стабилноста на валутата.

„Неупспешноста на референдумот не значи девалвација на денарот. Сигурно. Затоа што како економијс и како претсдетаел на Владатаги следам трендовите. Стабилен е денарот. Апсолутно и финансиската моќност и на банките и на Народната банка, перформансите се силни“, рече премиерот Заев.

Нема да биде катастрофа по 30 септември ако референдумот пропадне, животот продолжува, но не сум сигурен дали Македонија би можела да живее во поповолни услови доколку не е дел од Европа, смета Петер. Тој не очекува дека странските инвеститори овде уште од понеделник ќе почнат да ја намалуваат својата инвестициска активност, но кога новите инвеститори ќе носат одлуки, а тоа се прави за рок од 5 до 10 години, ќе ги земат предвид сите негативни предуслови или перцепции што земјата не е членка на ЕУ. Вели – ова е заедничко размислување на компаниите членки во Советот за странски инвеститори, кои се за полесно водење на бизнис во Македонија, а  НАТО и ЕУ се вратата кон тоа. Македонија во ЕУ би била постабилна отколку надвор од неа, ЕУ поттикнува владеење на правото, но и подобра животна средина.

„Секој може да донесе одлука во недела, но не е важно само како ќе гласате. Прво, важно е да излезете на гласање и активно да учествувате во демократијата. Потоа немојте да бидете себични и да разлислувате само за себе, туку размислете и за последиците од вашиот глас за иднината. За да функционира демократијата, мора да бидеме нација која учествува, а  не само да набљудуваме. Оној кој не гласал, го губи правото да се жали“, порача Петер.

Според него, ЕУ е најуспешниот проект на европскиот континент на 21 век и носи мир, безбедност, стабилност и просперитет.

Како се неговите прогнози за референдумот, Петер вели дека треба да бидеме свесни, внимателни и уплашени за прогнозите, и ништо не е сигурно се до недела навечер, но на македонските граѓани им порача- ако сакате да живеете во демократија и да одлучувате сами за себе, потрошете еден час за да гласате. Јас сакам уште многу години да бидам во Македонија и заедно со вас да влезам во Евроспката унија.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ