Обвинение за Васе Доневски за тендерот на Секјуриком

Имињата на eкс директорот на СОЗР Васе Доневски и на сопственикот на Секјуриком Волфганг Гампер стојат во обвинителниот акт кој денеска го поднесе обвинителството за организиран криминал до Кривичниот суд. Првиот е во куќен притвор, а вториот од неодамна е во бегство. На австрискиот газда кривичен од почеток му определи мерки на претпазливост, а дека е недостапен се разбра дури откако не се појави на редовното пријавување во суд.

Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и буџетска штета од околу 10 и пол милиони евра. Во летото 2015 година договориле јавна набавка за одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи. Постапиле спротивно на одредбите на законот за јавни набавки според кој оние што учествуваат во подготвување на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи во постапката за доделување на јавната набавка.

„Првоосомничениот и покрај направените пропусти не постапил согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не ја поништил постапката. Тој злоупотребувајќи ја службената должност со преземените дејствија го фаворизирал правното лице на второосомничениот, овозможувајќи само една понуда во тендерската постапка, со што била оневозможена аукција за постигнување негативно наддавање за пониска цена, а на штета на Буџетот на РМ во износ од 660.834.855 денари“.

Кривичниот суд ќе треба прво да го одобри обвинението пред да може Доневски да седне во обвинителна клупа. Гампер доби притвор дури откако избега. Сега се бара со меѓународна потерница. Големиот тендер што го имаше Секјуриком заврши и во тек се постапки за јавна набавка за тоа кои фирми ќе ги добијат овие милионски зделки.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ