Расте бројот на незгрижени кучиња на скопските улици кои гладуваат, но и напаѓаат

Расте бројот на кучиња скитници на скопските улици. Според градоначалникот Шилегов, во Скопје има и до 8 илјади бездомни кучиња, а тој број е зголемен за уште едумстотини нови летово.

Од Градот велат дека проблемот е системски, а се трудат да ги ублажат последиците со бесплатно чипување на домашните миленици до наредната пролет, како и со подобрување на инфраструктурата во стационарот Вардариште.

Сепак, стационарот не е место каде што кучињата можат да бидат згрижени долготрајно.

„Стационарот не е фарма за животни скитници каде што Градот може д ги чува. Ние по комуналната програма којашто во моментов ја имаме можеме кучињата скитници да ги земеме, да ги истретираме, вакцинираме, стерилизираме за да не бидат опасност по здравјето на граѓаните во инфекциска смисла на зборот. И должни сме истите после рокот од 30 дена да ги вратиме на местото од каде што се подигнати.“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Од здруженијата за заштита на животните го обвинија градоначалникот дека е глув на нивните повици за дискусија за да се изнајде правилна политика на градот за справување со бездомните кучиња по улиците.

Според активистите, правилно решение е стерилизацијата, но и водењето сметка за размножувањето на кучињата, за да се спречи сивата економија со размножување и препродавање на милениците.

„Проблемот го креираат сопственици со своите кучиња и неконтролираното размножување, неконтролираното ставање на легла. Државата до сега никогаш не водела контрола каде завршуваат овие нови легла. Ќе купите една вазна, ќе ви дадат фискална сметка. Во трговијата со кучиња немате никаква контрола. Државата едноставно не знае што се случува.“ кажа Радмила Пешева од Анима Мунди.

Скопјани се жалат. Велат им пречи миризбата која што се создава во центарот на градот од кучињата скитници, кои понекогаш напаѓаат. Бараат градот да ги згрижи бездомните животни.

„Треба да се згрижат тие кучиња. Сепак и тоа е душичка. Не да се убиваат туку да се направи некако стационар каде што треба да живеат тие кучиња.“

„Сигурно дека се проблем и треба да се најде некое решение, преку друштвата за заштита или Градот повеќе да се ангажира. Не е убаво, сепак туристи доаѓаат, гледате и сами на плоштадот. Толку многу незгрижени кучиња. Мора да постои некоја служба.“

„Не може човек да помине. Еве ние со точаци кога се возиме не’ напаѓаат. Поготово на кејот, партал те прават. Сопственик си го чува кучето и тоа пак ти се пушта.“

Деновиве службеник на Светска банка во Македонија бил нападнат од кучиња додека трчал на кејот на Вардар, при што паднал и ја искршил ногата, а му помогнале случајни минувачи.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ