
МОСТ објави периодичен извештај од набљудувањето на референдумот
Граѓанската асоцијација МОСТ денеска објави периодичен извештај од набљудувањето на референдумот.
Во набљудуваниот период добиени и анализирани се 311 извештаи за кампања и 978 дневни извештаи за настани и случувања во општините. Од нив, како што наведува МОСТ, може да се заклучи дека единствениот субјект кој има интензивни активности на терен е коалицијата „Заедно за европска Македонија“. Во исто време, меѓународни и домашни организации и останати субјекти одржуваат информативни дебати и трибини. МОСТ цени дека овие информативни активности придонесуваат за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните.
„Апелот на претседателот на Владата на РМ до бизнисмените, финансиски да ги мотивираат вработените во нивните компании да гласаат, е неетички потег кој не треба да биде дел од еден ваков важен процес. Ваквото однесување поставува преседан кој во иднина може да стане составен дел од кампањите и однесувањето на политичарите“, наведува МОСТ во својот извештај.
МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи.
Граѓанската асоцијација ги охрабрува граѓаните да пријават какви било притисоци или нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080-080-080.
Набљудувањето на референдумот од страна на МОСТ започна на 3 септември, со распоредување на 80 долгорочни набљудувачи, кои ги покриваат сите општини во Македонија. МОСТ ја следи работата на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и активностите на сите субјекти поврзани со претстојниот референдум.