Тодоров: Бојкотирањето ќе ја однесе ВМРО-ДПМНЕ во сосема погрешен правец

Вечерва гостин на Топ Тема на Ваша страна е поранешниот министер и вицепремиер Никола Тодоров.

„Сметам дека треба да се излезе на референдум и поради конзистентност на партијата и мое лично, бидејќи ќе најдете десетици мои изјави каде велам дека за ова прашање треба да се изјаснат граѓаните на референдум“.

„Против бојкот сум од причина што политичкиот простор за бојкот претходно беше веќе заземен од политички структури кои се маргинални или кои имаат различни стратешки структури од ВМРО-ДПМНЕ и ги немаат членството во нив членството во НАТО и ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ како уставотворна партија не смее да си дозволи да биде водена од структури кои се маргинални. ВМРО-ДПМНЕ не го зазеде просторот за бојкот на време, туку таа сега треба да се приклучи на структури кои го почнаа бојкотот“.

„Не можам да заокружам „ЗА“ затоа што Договорот не е добар. Не можам да прифатам тоа што ќе мора и по дома да се викаме со друго име. Ми пречи и тоа што Договорот се занимава и со историјата. Политичарите не треба да се занимаваат со историјата. Мојот став јасно го кажав: Јас ќе гласам на овој референдум „за“ ЕУ и НАТО, но против Договор. Тоа се вика протестно гласање“.

„Ова е една од последните шанси кои може Македонија да ги добие. Кога си политичар мора да ги читаш работите меѓу редови. Прво во Косово се разговара за размена на територии и тоа може да биде опасно за Македонија. Да не го занемариме албанскиот фактор во Македонија. Како политичар мора да процениш што е најдобор во моментот за државата и за партијата“.

Тој смета дека невозможно е во иднина да се постигне подобар договор. „Дали можеме да имаме подобар Договор – во иднина тешко. Во минатото сме можеле, но во иднина не. Никој нема да се откаже во нов процес од веќе стекнатите позиции“, заклучи Тодоров.

Тодоров додаде дека евентуалниот бојкот на партијата е против нејзинот интерес. „Ако ВМРО-ДПМНЕ бојкотира нема да може да најде коалициски партнер за формирање влада на следни избори. Бојкотирањето ќе ја однесе ВМРО-ДПМНЕ во сосема погрешен правец“.

„Ако не излеземе сите кои сме против ќе има определен број од луѓе од другите партии кои ќе излезат. Зошто мислиме дека ВМРО-ДПМНЕ е во малцинство? Убеден сум да тргнеше ВМРО-ДПМНЕ цврсто ќе извадеше против 500.000 гласови кои ќе и беа голем политички капитал за следните избори и ќе покажеше надмоќ“.

Тодоров истакна дека не стравува за својот живот и своите коментари надвор од партијата, дека не прави раскол во партијата и нема политички амбиции.

„Коментарите ме погодуваат, но не се плашам за мојот живот. Ова не го правам за да го предадам ВМРО-ДПМНЕ, туку да направам добро за партијата. Партијата ми овозможи да го направам ова – рече секој да постапи по свое убедување, и јас тоа го правам“.

„Никогаш не би бил предводник на каков и да е раскол во ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш не би предводел групи кои би ја загрозиле позицијата на претседателот. ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и има свои органи кои решаваат за промените, а не со расколи и групи“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ