
Дали детето кое живеело во станот со смрдливите пелени е запоставено од родителите?
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас во врска со настанот што се случи во зградата брoj 1 на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ , кога по дојава на жители од зграда во скопската населба Аеродром, во стан во истата зграда беше откриено дека семејство со едно малолетно дете живее во исклучително лоши хигиенски услови. Предметот е оформен во насока на проверка дали детето кое што живее во станот со неговата баба е запоставено од неговите родители. Телма и денеска заѕвони на вратата на овој стан, но таму немаше никој. Во текот на вчерашниот ден изјава за медиумите даде и таткото на децата кои живеат во станот со нив, кој е разведен од нивната мајка. Тој се сомнева дека мајката подолго време не живее со децата и тие се оставени сами да се грижат за себе.
Од меѓуопштинскиот центар за социјална работа вчера соопштија дека ова семјство не е евидентирано како социјален случај. Иако таткото тврдеше дека многупати се обратил до центрите за социјална работа во врска со старателството врз децата, директорката на центарот денска изјави дека единствената евиденција на ова семејствои кај нив е бракоразводната парница која ја воделе родителите на децата.
Социјалните служби го знаат и случајот со бездомникот кој со години живее во влезот на оваа зграда. Од таму велат дека тој е пензионер и тој треба да биде сместен во пензионерски дом, а поради неговата пензија тој не може присилно да биде сместен во центрите за бездомници бидејки таму се сместуваат бездомници без никакви примања. Шишињата за кои претпоставуваме дека се полни со урина и денеска беа во подрумските простории на оваа зграда. Телма упати прашања до општина Аеродром дали ќе испрати инспекции во оваа зграда и кој и кога ќе ги тргне шишињата со урина. Од таму велат дека Градот Скопје го презеде овој случај и очекуват нивните служби во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го расчистат докрај. Досега до Општина Аеродром нема пристигнато пријава, но доколку има потреба и барање од граѓаните, нивниот инспектор за
домување може да изврши контрола дали фирмата за одржување на влезот ангажирана од заедницата на станари ги извршува навремено и совесно своите обврски.
Јордан Дуков