Поддршката за референдумот и договорот со Грција потврдена и од Белата Куќа

Три теми беа во фокусот на разговорите на американскиот потпретседател Мајк Пенс со премиерот Зоран Заев во Вашингтон: Договорот за името, референдумот и патот на Македонија кон НАТО.

На десет дена пред референдумот, Пенс уште еднаш ја повтори силната американска поддршка за успешен референдум.

Потпретседателот и премиерот разговараа за следните чекори на спроведувањето на договорот, вклучувајќи го претстојниот референдум на 30-ти септември и важноста сите граѓани да гласаат на овој критичен крстопат за иднината на државата, пишува во соопштението од Белата куќа.

Пенс се сретна со Заев за да му честита на историскиот Договор од Преспа, кој кога ќе се исполни, како што пишува во соопштението, ќе ја зголеми безбедноста во регионот.

„Со потпретседателот Пенс разговаравме за нашите активности за спроведување успешен референдум на 30 септември, како чекор кој ќе ни ја потврди иднината во најмоќните сојузи НАТО и ЕУ, и дека повикавме сите политички лидери, вклучувајќи ја и опозицијата, да се вградат во таа иднина“, изјави премиерот Заев по средбата.

Пенс му ги пренел на Заев и пораките од американскиот претседател Доналд Трамп освен за постигнатиот договор со Грција, за успешен референдум, но и за идните рефрми потребни за членството во ЕУ и НАТО.

„Нагласив дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Граѓаните на нашата земја препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел, ќе се преточи во протокол за пристапување и со процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година“, изјави Заев.

И додека Заев ги слушаше охрабрувачките пораки од вториот човек во Белата куќа, за евро-атлантскиот пат, Вашингтон пост објави колумна со наслов: Македонија е мала земја со огромен проблем со Русија. Весникот пишува дека изборот на референдумот допре уште една витешка геополитичка борба меѓу Западот и Русија која прави се за да го поткопа договорот за името и да го блокира ширењето на НАТО.

Македонија не претставува никаква закана за Русија, но нејзиниот влез во трансатлантскиот сојуз и европската заедница ќе помогне да се стабилизира историски тензичниот агол на Европа, пишува Вашингтон пост. На крајот весникот заклучува дека отворените повици  на западот ќе ги покорат руските подметнувања, бидејќи анкетите покажуваат дека предлогот ќе помине на референдум, што ќе му даде на македонското собрание основа да ги одобри потребните уставни измени.

Марија Дивитарова

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ