Пензионерите се поблиску да се спасат од обврската да се регистрираат во УЈП

Се поизвесно е дека пензионерите кои освен пензијата не остваруваат други приходи, ќе бидат ослободени од обврската да одат на шлатерите на Управата за јавни приходи, за да се регистрираат во електронскиот систем за персонален данок. Министерот за финансии, Тевдовски ја најавува оваа можност, но сепак, топката ја префрла во УЈП, вели – оваа реформа е работа на Управата, но човечки е, потенцира тој, на старите и изнемоштени граѓани да им се излезе пресрет.

„УЈП во моментов работи на разгледување на решение, за да им се олесни на пензионерите, кои немаат дополнителни приходи надвор од пензијата, за практично да немаат потреба дури и да отидат во УЈП. Тоа е пред се работа на УЈП, но јас лично, такво решение поддржувам, и мислам дека УЈП ќе може да најде нешто што, посебно за овие пензионери, луѓе во години, да им излезе во пресрет“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Можноста за дополнително поедноставување на постапките за регистрација за оваа категорија граѓани, ја потврдуваат и даночните власти, велат на тоа веќе работат. Но, од УЈП потенцираат дека една од целите на оваа реформа е граѓанинот да врши контрола и да има увид дали му е исплатен вистинскиот приход и дали е платен точниот данок.

„Без пристап на граѓанинот до сите негови податоци на едно место, граѓанинот нема да може да контролира дали исплатувачот на приход навистина го платил данокот во негово име и за негова сметка, ниту да контролира колку данок плаќа на државата и дали е тоа тоа точниот износ кој го платил или треба да го доплати. А токму ова го овозможува предполнетата Годишна даночни пријава и системот е-Персонален данок за пријавување и плаќање на персоналниот данок.“

Овој проект го стартуваше претходната власт, а е поддржан со пари на ЕУ, со цел да се подобрат услугите на УЈП кон граѓаните.

Откако беше обелоденета реформата јавноста бурно реагираше, па Владата најави дека се разгледува опција пензионерите и вработените кои немаат други приходи, да се изземат од обврската да се регистрираат, а премиерот Зоран Заев рече дека во тек се преговори и со експертите од ЕУ, за да се види дали е возможно тоа изземање.

Секоја година досега се пријавуваа по околу 500 илјади лица, но доколку не се изземат пензионерите, за регистрација во УЈП би требало да одат околу еден милион граѓани.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ