
Скопје се претвора во депонија, градските власти немаат одговор зошто комуналните инспектори го дозволиле тоа
Расфрлани делови од компјутер, мебел, бела техника. Но, не на пазар за стари работи, туку на јавна површина. Отпадот од домаќинствата најчесто завршува помеѓу зеленилата, во урбанизирана средина.
Ова е една од бројните диви депонии во градот. Се наоѓа во Кисела Вода, зад маркет на прометен булевар.
Бројот на депонии во општината постојано расте, но локалната самоуправа дополнително ќе бара решение на проблемот.
„Се справуваме со дивите депонии преку ангажирање на дополнителни вработени комунални редари за да се спречи дивото депонирање на територија на Општина Кисела Вода,“ вели Филип Темелковски, Градоначалник на Општина Кисела Вода.
И според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, зголемувањето на бројот на вработени во комуналниот сектор ќе го ублажи проблемот.
Што работеле комуналните инспектори досега, зошто се зголемува бројот на диви депонии и како ќе се третираат тие – нема одговор од надлежните.
„Ѓубрето го создаваат луѓе. Ѓубрето не никнува од земја. Јас заради тоа веќе најавив малку позасилен инспекциски надзор и еден правен квалитет кој што очекувам наредната година дека ќе успееме да го добиеме во смисла на формирање на комунална полиција,“ рече Петре Шилегов – Градоначалник на Град Скопје.
Екологистите се на ставот дека проблемот е во свеста на луѓето. Велат, оние кои градат, градежниот шут го фрлаат каде стигнат, наместо да најмат возило кое за осумстотини денари ќе го исфрли на соодветно место.
„Еден ќе фрли отпад, најчесто тоа е градежен шут и се продолжува со фрлање отпад и од домаќинствата на истата таа локација,“ вели Наташа Амдиу – Претседател на здружението на граѓани „Зелен институт“.
Според статистиките, на територијата на државата околу 200.000 тони отпад годишно завршуваат во природата.
„Зелените активисти посочуваат дека создавањето на депониите е резултат на свеста на граѓаните, како и на немањето доволно контејнери низ главниот град. Според градоначалниците, проблемот може да биде решен или ублажен со патролирање на комунални инспектори на териториите на општините. Овде, на падините на Водно, под селото Пантелејмон сликата е поинаква. Градежен шут, ресторански отпад како и апарати од домаќинството покажуваат дека проблемот можеби и не е така едноставно решлив“.
Петар Догов