
Тројно се зголемува социјалната помош
Наместо 50 евра, социјалната помош ќе се зголеми на речиси 200 евра.Со новата реформа на социјалниот систем не само што тројно ќе се зголеми износот на социјална помош и ќе се воведе минимален гарантиран приход, ќе се преквалификуваат и доостручат работоспособните социјалните случаи за пазарот на труд, а поголем број на деца ќе добиваат детски додаток. Реформата ќе стартува од следната година а првите исплати ќе почнат од 1 февруари. За таа цел од буџетот ќе бидат издвоени 2,2 милијарди ден. т.е 35,7 милиони евра.
„Четиричлено семејство со со едно неработоспособно лице месечно ќе добива 11.700 ден. Типично четиричлено семејство со 2 малолетни деца ќе добива 10.600 ден. а денес 70 % од овие семејства имаат 3.029 денари.Заради штетен закон помошта им е намалена за 50% и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 ден.или 300 %“, смета министерката Царовска.
За поддршка на децата од семејства со ниски примања ќе се олесни пристапот до детски додаток и ќе се воведе образовен додаток. Детски додаток сега добиваат 3200 деца но со реформата ова право ќе го имаат и семејствата со еден вработен со минимална плата односно над 73 000 деца. Најважно е инвестирањето во човечки потенцијал вели Царовска.
„Токму тоа го правиме. Пренасочуваме средства кон граѓаните кои се во ризик, но треба да ги извлечеме преку нивно ангажирање на пазарот на труд, а на нивните деца да им дадеме шанса за образование и еднаков старт како сите останати деца од семејства со повисоки примања“, рече Царовска.
Секое семејство во кое има приходи од само една минимална плата од 12 000 денари, сега ќе добива и детски додаток и додаток за образование или месечни примања од над 15 000 денари или 5000 денари повеќе отколку примателите на мин гарантиран приход. Фокусот на реформата е луѓето да се извлечат од сиромаштијата а тоа е можно со гарантирани приходи но и со стекнување вештини и обезбедување работно место.Тие што ќе бидат преквалификувани и два пати ја одбијат понудената работна задача ќе го изгуби правото на помош.
Виолета З. Стојановска