
Финансии: Работиме за да се олеснат процедурите на граѓаните со пријавите
По бурните реакции во јавноста од граѓаните, особено од пензионерите и изнемоштените, дека регистрацијата во елекитронскиот систем на УЈП ќе им создаде непотребни тешкотии и трошоци, се огласи и Министерството за финансии, кое е предлагач на Законот за персонален данок на доход, кој стартуваше од почетокот на годинава и ја предвидува оваа обврска. Велат, ќе се олеснат и автоматизираат процедурите.
Телоп Министерство за финансии
„Министерството за финансии и Управата за јавни приходи работат во насока на олчеснување на процедурите за граѓаните и автоматизација на процесите. Се земаат предвид сите можни пречки и се работи на нивни надминувања. Крајната цел на оваа реформа е граѓаните да бидат ослободени од непотребни бирократски админситративни процедури“, велат од Министерството за финансии.
Се уште нема прецизни информации на кој начин ќе се постигне да се надминат пречките, бидејќи УЈП беше децидна оти сите граѓани што остваруваат било каков приход, па дури и само од плата или од пензија, ќе мора повторно да одат лично на шалтерите, со цел таму да ги однесат претходно отпечатените барања за регистрација во системот. Според Управата, оваа обврска е неопходна за личните податоци на граѓаните да се заштитат од злоупотреби.
Пред неколку дена вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека Владата мора да го слуша гласот на народот, а политиките на било кое министерство што ќе предизвикуваат потешкотии за граѓаните, ќе бидат модифицирани.
Најголеми реакции оваа новина предизвика кај пензионерите, изнемоштените, и оние што не знаат да користат комјутер. Тие се прашуваат зошто мора да се појават во УЈП, и да се изложуваат на стрес и трошоци, кога даночниците за нив многу лесно можат да ги добијат сите податоци. За нив УЈП предвидува две можности, или да дојдат да се регистрираат заедно со помлад член на семејството, или преку нотар да ополномоштат овластено лице, кое за нив ќе ја заврши работата. Од Сојузот на здруженијата на пензионери предложија од обврската да се иземат тие што освен пензија немаат други приходи.
Од УЈП, во одбрана на реформата, нагласија дека граѓаните кои нема да успеат да се регистрираат, нема веднаш да се казнуваат, а за нив ќе се активираат мобилните екипи кои ќе помагаат во извршување на процедурата.
Нина Нинеска-Фиданоска