
Матис: Референдумот е најважниот глас во историјата на вашата нација
Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис испрати јасна порака за поддршката што Соединетите држави ја даваат за успешен референдум. Тој рече дека ова е уникатна можност за Македонија и повика таа да се искористи за да се оди во една нова иднина.
„Ова е најважниот глас во историјата на вашата нација. Го препознаваме комплексниот политички избор којшто претстои за Вашиот народ и Ве поддржуваме Вас и нашите македонски пријатели во остварувањето на вашиот демократски глас и одговорност да гласате“, му рече Матис на премиерот Заев.
Но, првиот човек на Пентагон, во изјавата не ја ни спомна Русија, иако американските новинари пишуваат дека тој пристигна во Македонија со осуда на руските обиди да се создаде опозиција во пресрет на референдумот, кој би можел да го отвори патот на Македонија кон НАТО, нешто на што Москва се противи.
Вашингтон Пост пишува дека Матис, им кажал на новинарите кои патуваа со него во Македонија, дека нема сомнеж дека Москва финансира про-руски групи за неуспех на референдумот.
Матис во Скопје ги цитираше зборовите на германската канцеларка Ангела Меркел и на генералниот сркретар на НАТО Јенс Столтенберг за придобвиките од успешен референдум и од членството на Македонија во НАТО.
„Се приклучувате на една алијанса која се залага за спроведување на стандардите за територијален интегритет и слобода од присила против оние коишто се трудат да ги намалат овие вредности од Сирија до Украина“, изјави Матис.
Премиерот Зоран Заев вели декапосетата на Матис доаѓа во исклучителен период и е силна мотивација за Владата.
„Му го пренесов нашиот интерес да организираме и да спроведеме успешен референдум како клучен момент за иднината на нашата земја . во духот на остварување на таа иднина водиме политики за обезбедување на политичките фактори за ова прашање. Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја, а тоа се членството во НАТО и ЕУ“, изјави Заев.
Џејмс Матис е првиот американски министер за одбрана што доаѓа во официјална посета на Македонија по пауза од 14 години. На прс-конференцијата во Владата рече дека со нетрпение очекува да се види со претседателот Ѓорге Иванов. Но, по средбата од Кабинетот на претседателот стигна штуро соопштение дека разговарале за тековните политички случувања во Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за одбранбената соработка на двете земји.
Американскиот секретар беше во Македонија само неколку часа. Тој е највисокиот американски претставник што дојде пред референдумот. На премиерот Заев му кажа дека му аплаудира за постигнатиот Договор со Грција.
Договор, кој, како што рече Марис, ќе обезбеди спроведување на клучните реформи за членство во НАТО и кој ви овозможува вам на нашите македонски пријатели да одлучите за вашата сопствена иднина
Марија Дивитарова