Фридом хаус: Македонија е делумно слободна држава

Македонија не го измени својот статус на делумно слободна држава. Оценката за годинава ја дели заедно со Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина и варира меѓу 3 и 4 на скалата од можни седум поени каде 7 означува неслободна земја. Во извештајот Македонија е наведена како држава чии настани и случувања годинава треба да се следат.

„Демократски избраната и етнички инклузивна влада се обидува да ја искорени корупцијата и другите системски злоупотреби кои се засилиле за време на претходната влада зафатена од скандали. Таа би можела да го реши и спорот за името со Грција која го попречува патот на земјата за членство во ЕУ“, се вели во извештајот.

Оценката за делумна слобода е реална, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Така на пример, правната рамка поради која во минатото беа правени многу злоупотреби во голем дел се уште не е сменета. Ја посочува констатација од извештајот според која владеат цели да се подобри борбата против корупцијата, но освен политичка волја, се уште нема ефекти. Тоа е  според него поврзано со независноста на судството, која што се уште не заокружена поради реформите кои што се во тек

Според Извештајот, државите од Западен Балкан имаат потреба за поддршка од поголемите и моќни демократски земји за да напредуваат кон остварување на демократските принципи. Се констатира дека во Македонија посредништвото од Вашингтон и Брисел помогнало да се разреши долгогодишната политичка криза, отворајќи пат за нова демократски избрана влада.

Како спротивен пример е наведена Србија каде, како што стои во извештајот, толеранцијата на европските лидери кон премиерот Вучиќ и неговите авторитарни тенденции му овозможиле да ја придуши опозицијата. Фридом хаус констатира дека демократијата е во глобални рамки во криза. Авторите заклучуваат дека Русија и Кина активно го шират антидеморатското влијание во светот.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ