
Велосипедистите се загрозени во сообраќајот
Загрозена безбедност на велосипедистите и недостиг на јасна стратегија за популаризација на велисипедизмот воопшто се клучните проблеми на кои потсетија граѓаните во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност. Тие забележуваат би било убаво да се следат светските трендови во текот на целата година, а не само пригодно.
„Нефункционалната поврзаност на постоечките велосипедски патеки. Пред се самиот центар нема поврзаност на тоа што е тргнато да се прави кон периферијатана градот за да имаме едно слеано движење на велосипедисти од едниот до другиот крај на градот“, кажа Бојан Ранташа, Социјален велосипедски центар ПЕДАЛА.
За градоначалникот Шилегов проблемот е повеќе во безбедноста на самите патеки, не толку во нивниот квалитет за кој вели дека во континуитет се работи и се креираат нови.
Главните приговори на велосипедистите во смисол на безбедноста не се однесуваат толку на состојбата на велосипедските патеки туку на несовесното учество во сообраќајот на другите учесници, паркирани возила на сред велосипедска патека или движење на пешаци онаму каде треба се движат велосипедите, кажа Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.
Дури и во рекреативниот велосипедизам мора да се почитуваат некои правила, забележуваат велосипедистите.
„Да возиш денес на кеј да се рекреираш е еднакво на смртоносно оружје. Значи на кеј почитувам да си возат мајки, деца, пензионери и луѓе што возат од 15 до 20 км на час. Кога и да се спуштам со син ми доле на патека доле се случува Брзи и бесни филмот возат по 40 – 50 километри на час велосипедисти“.
Со велопикник и велоекспо денес на Средно Водно Град Скопје започна со одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 што ќе трае до 22-ри септември во чии рамки се предвидени повеќе настани. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.
Нина Стефанова