
Нимиц без нов предлог, Столтенберг со порака за итност
Силни критики дома и позитивен импулс од надвор е она со што се соочува грчката влада пред утрешните разговори во Њујорк околу името. Во пресрет на новата рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач Васко Наумовски и Адаманстиос Василакис грчките медиуми го пренесуваат ставот на посредникот дека и Атина и Скопје во последно време покажаа дека сакаат да најдат решение за спорот за името. Притоа главна вест е неговата вчерашна изјава за Грчката телевизија дека нема да излезе со нов предлог, туку за кои веќе се диксутирало во минатото, поточно, дека она што е сменето е начинот на гледање на работите.
„Повеќе од 20 години дискутираме за ова прашање и повеќето од идеите се на маса, но секогаш има нов начин на гледање на работите, нова димензија. Затоа мислам дека луѓето ќе гледаат на тоа во ново светло. Нема ништо ново, нема нова магија“, изјави посредник на ОН во спорот за името, Метју Нимиц.
Ваквиот став на медијаторот и позитивниот импулс кој доаѓа од надвор дека сега постои позитивен момент да се реши спорот, одекна како бомба во политичката јавност во Грција. Во Собранието дел од пратениците го обвинија Ципрас за предавство и дека работи на национален пораз на Грција. Главниот аргумент на политичките опоненти на владата на Ципрас е дека терминот „Македонија“ е ексклузивно грчки, зад кој, според нив, стои целата грчка јавност.
За разлика од политичарите грчките медиуми се повоздржани во критиките, оценувајќи дека постои оптимизам за надминување на спорот. Сепак тие се претпазливи за можноста за брзо решавање на проблемот, со оглед дека прашањето не го опфаќа само самото име и употребата, туку претставува цел пакет на сензитивни прашања со кои ќе мора да се биде внимателен.
„Се чини оти некои делови од договорот е полесно да се направат, но за останатите, како што е опсегот на употреба на името и изведени термини за прашања како што се етничката припадност, јазик, пасош – е многу тешко да се најдат“, објави „То вима“ .
Во корелација со преговорите во Њујорк се става и утрешната посета на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Македонија, која се толкува како ветер во грб за новата политичка гарнитура во земјава, но и порака за итност.
„Столтенбер оди во Скопје со порака дека е потребно итен компромис со Грција во насока за отворање на патот кон НАТО“, објави Катимерини.
Притоа весникот оценува дека владата во Скопје се обидува да ги затвори фронтовите преку промовирање на погенерален наратив за промените, во пресрет на очекуваната голема борба за усвојување на можен договор со Грција.
Тамара Грнчароска