Димовски бара Уставниот суд да го поништи Законот за јазиците

Пратеникот Илија Димовски го повика претседателот Иванов да не го потпише указот за Законот за јазиците. Апелира и до колегите од СДСМ да не го изгласаат повторно, доколку, согласно процедурите, во рок од 30 дена повторно се најде пред нив. Доколку Законот сепак влезе во правниот систем, Димовски ќе поднесе Иницијатива и ќе побара поништување од Уставниот суд.

Иницијативата пред Уставниот суд ќе ја поднесе лично. Но, уверен е дека партијата го дели истиот став. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ имаат исто мислење и во однос на учеството во работата на Собранието: нема демократски амбиент. Ќе присуствуваат на седницата на која ќе говори генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, но не и на другите седници. Но, Димовски објаснува дека немал никаква директна комуникација ниту за ова ниту за други прашања со новиот претседател Христијан Мицкоски.

Претседателот Иванов има рок до 18-ти јануари да го потпише указот на Законот за јазици или да го одбие тоа. Во 2008-та, која прв пат беше донесен Закон за јазикот што го говорат над 20 одсто од граѓаните, претседателот Црвенковски не го потпиша, па Законот повторно беше донесен од Собранието со 76 гласа. Тогаш, претседателот не спореше со содржината на Законот, туку со несоодветната процедура во неговото носење – без учество на тогашната опозиција.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ