
И пензионерите пред комјутер за да се регистрираат во новиот систем на УЈП
Новиот систем на УЈП ќе ги седне пред комјутер дури и пензионерите. Сите граѓани кои во 2018 оствариле било каков приход, и оние што земаат само плата или пензија, до крајот на годинава мора да се регистрираат на елекстронскиот систем на УЈП, е-персонален данок, со цел таа да може да им изготви годишна даночна пријава. Така предвидуваат законските измени што важат од стартот на годинава. Тие ќе мора да влезат во системот, заедно со оние што имаат приходи од издавање под закуп, договори на дело, извршени работи во странство, и добивки од игри на среќа.
На системот е-персонален данок ќе мора да се регистрираат и потоа барањето за регистрација да го поднесат на шалтерите на Управата за јавни приходи и оние што примаат само плата, но и оние што земаат само пензија.
Регистрацијата граѓаните ќе ќе мора да ја направат само еднаш, а не како досега секоја година сами да ги поднесуваат пријавите.
„Претходно граѓаните доаѓаа, со сите приходи, и тие ги пополнуваа ГДП, сега процесот е обратен, целиот сервис, со сите услуги, УЈП мора да пополни ГДП за сите граѓани“, вели Весна Новаковиќ од УЈП.
Регистрирањето, велат, оди брзо, единствен услов е обврзниците да имаат валидна мејл адреса, преку неа УЈП ќе комуницира со граѓаните. На веб страната, во делот за регистрација, се пополнуваат основните податоци, а потоа во канцелариите на Управата, претходно отпечатеното барање се поднесува, со документ за идентификација. Странците, односно нерезидентите, ќе мораат да го стават матичниот број што им е даден од УЈП. Оние што веќе се регистрирани на системот е-даноци, само автоматски ќе се префрлат на е-персонален данок. УЈП ќе има обврска до крајот на април идната година електронски да им ја достави пополнетатат годишна даночна пријава, а тие до крајот на мај ќе мора да ги потврдат или корегираат податоците од пријавата.
Но што да прават старите, болните и изнемоштените, но и оние што не знаат да користат комјутер? Тие ќе треба да ополномоштат одредено помладо лице, на нотар, кое потоа за нив ќе ја врши работата.
„Него му е доволно, да даде полномоштво на овластеното лице, и со тоа полномоштво овластеното лице може да дојде во УЈП, или ако не сака да дава полномоштво пред УЈП, двајцата да дојдат во УЈП и да се идентификуваат“, вели Мухедин Авдиќ од УЈП.
Оние кои нема електронски да се регистрираат до крајот на годинава, УЈП ќе ги повика, ќе им помогне да дојдат на шалтерите, или даночната пријава ќе им ја достасви по пошта.
Ова можеби ќе биде помакоптрпно само првата година, но ќе биде неопходно за да нема злоупотреби, велат од УЈП, ваков систем имале сите модерни држави, потоа на граѓаните оваа обврска ќе им биде многу олеснета.
Даночните власти ги повикаа граѓаните да не се чека крајниот рок за регистрација, за да не се создава метеж. Тврдат дека имаа капацитет за над 400 илјади регистрации колку што очекуваат. Во системот досега се регистрирани 13 илјади граѓани.
Нина Нинеска-Фиданоска