
Заеднички комитет ќе ги прегледува учебниците во Македонија и Грција
Амбасадорот Виктор Габер е на чело на македонскиот тим во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, како дел од Договорот за името.
За сега од Министерството за надворешни се чува во тајност составот на Комитетот, но се очекува ова тело набрзо да го одржи првиот состанок.
Комитетот има сложено име. Се вика Заеднички интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања. Формиран на паритетна основа и има седум члена од македонска и седум члена од грчка страна.
Ова тело, чие формирање го пишува во членот осум, став пет од Договорот за името ќе треба да го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на докази и научно издржани историски извори.
Комитетот ќе разгледува учебници, историски атласи, наставни упатства кои се користат и во Македонија и во Грција. Ако утврди, можно е да се прави ревизија на било кои наставни материјали.
Предвидено е овој комитет да ги проучи и новите изданија на учебниците, а ќе дефинира и временски рамки, за да се осигура дека во секоја од страните од идната година, односно една година од потпишувањето на Договорот, не се користи ниту еден учебник или помошен материјал кој содржи било каков иредентизам.
Неговата работата ќе ја надгледуваат министерствата за надворешни на Македонија и на Грција.
Претседател на грчкиот тиме заменик министерот за надворешни Маркос Боларис.
Комитетот ќе се состанува најмалку два пати годишно, а извештај ќе поднесува на друго тело, кое исто така, треба да се формира согласно Договорот, а кое ќе се вика Совет за соработка на високо ниво, со кој ќе раководат премиерите на двете земји.
Марија Дивитарова