Многу пратеници заинтересирани да се кираџии на државна сметка, две пријавени

Само две пратенички до сега решиле да бидат кираџики на државна сметка. Благица Ласовска која е од Штип и Ане Лашкоска од Прилеп, и двете пратенички на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека тие повеќе нама секојдневно да патуваат со сопствени возила на релација Штип – Скопје или Прилеп – Скопје, туку ќе бидат потстанари во стан во главниот град. За тоа наместо да земаат пари за патните трошоци, Собранието ќе им ја плаќа киријата. Единствено Ласовска и Лашкоска до сега поднеле барање за да им се одобри стан на државна сметка.

Претседателот на комисијата за прашања на избори и именувања која ја донесе одлуката, Илија Димовски вели дека сепак голем е интересот кај пратениците од внатрешноста за користење на оваа опција. Секојдневно се распрашувале каква е процедурата и што точно е потребно за да се реализиара нивната желба. Според информациите на Телма меѓу оние кои првично беа заинтересирани а дел од нив и се распрашувале за процедурата Бранко Манојловски, Лилјана Кузмановска, Горан Милевски.

Инаку одлуката собранието ја донесе пред околу две недели па пратениците имаа кус рок да размислат и да се решат за ваков чекор. Рокови кога ќе го сторат тоа немаат, а и во секое време може да се премислат. Наемнината на стан за прв пат се воведува па условите се пратеникот кој живее во внатрешноста да нема живеалиште во Скопје, да изнајми стан под кирија до 400 евра, а Собранието ќе му ги покрие трошоците и за сметките до 100 евра. Додатно за патни трошоци ќе зема надоместок само еднаш неделно за средби со граѓани во својот град и за викенди и празници. Останатите кои ќе продолжат да патуваат наместо досегашните 30 проценти од цената на литар гориво по километар ке земаат 20 проценти.

Ваквите измени доаѓаат после жестоките реакции на јавноста за огромните суми кои државата им ги исплаќаше на пратениците за нивното секојдневно патување. СЈО пак отвори случај за лажно пријавување на сметки од поранешната пратеничка и член на ДИК Силвана Бонева.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ