Радовишани цела недела дишат чад од депонијата

Речиси цела недела гори депонијата во Радовиш. Темен чад се надвиснува над градот а тешкиот мирис ги гуши жителите и им влегува во домовите. Велат дека со денови е така, го вдишуваат отпадот којшто се складира во депонијата лоцирана непосредно до последните куќи.

Противпожарните возила постојано гасат, но и по пет дена пожарот не е целосно изгаснат. Тлее и чади на повеќе места. Засега е под контрола но не е исклучена можноста од повторно запалување со оглед на високите температури и ветерот. И полицијата е на терен и собира докази за причините за пожарот за кој постои сомневање дека е предизвикан од човечки фактор.

Општината упати апел во кој бара од институциите помош во контролата и набљудувањето на депонијата бидејќи има основано сомение дека депонијата се пали намерно и да се врши контрола на отпадите кадешто може да заврши отпадот којшто се собира од градската депонија.

И покрај активностите на надлежните институции, низ депонијата се’ уште се движат собирачи на метал и пластика. Велат дека тие се внимателни при собирањето на материјалите, а причината за пожарите да се бара кај други сторители. Не сакаа да зборуваат пред камера.

Освен големите депонии, Југоистокот врие и од диви депонии во секое населено место и во речните корита. Решението регионот го гледа во депонијата Шапкар којашто треба да го опслужува целиот југоисточен регион. Владата уште во март ја промовираше идејата за регионални депонии во јавно-приватно партнерство, но не прецизира кога ќе почне со нивна изградба.

Сузана Мицева

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ