
Се одложува воведувањето на прогресивниот данок
Воведувањето на прогресивниот данок нема да оди според најавеното поради политичките процеси кои течат во моментов и затоа нема да стапи на сила од почетокот на идната година како што беше најавено. Премиерот Зоран Заев смета дека е потребна широка дебата и доволно време да се запознаат граѓаните за да може да се донесе одлуката а потоа и период за подготовка на економијата за негово импелемнтирање.
Околу различните гледишта за ребаланс на Буџетот кои минатата недела се појавија меѓу премиерот и министерот за финансии Драган Тевдовски, Заев изјави дека сега засега Буџетот има стабилни перформанси а единствена слаба точка е реализацијата на капитални инвестиции. Сепак тој нагласи дека токму во периодот до крајот на годината се реализираат најголемиот број од капитални инвестиции и затоа треба да се почека. За таа цел формиран е и специјален комитет кој го води вицепремиерот Кочо Анѓушев а во кој учествува секој ресор во државата во чиј буџет има капитални инвестии како и Јавни претпријатија.
На денешната прес конференција, премиерот Заев и економскиот тим соопштија дека растот на бруто домашниот производ е зголемен за 3,1 отсто и дека до крајот на годината ќе се постигне планираното зголемување.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека станува збор за наголем пораст во последните четири години и дека секторите индустрија, земјоделство и трговија имаат исклучително позитивни резултати за разлика од градежништво каде допрва почнуваат главите проекти.
Според податоците од Владата годинава странските инвестиции изнесуваат 327 милиони евра што е двојно повеќе споредено со минатата година а се бележи и зголемување во наплата на даноците.
Огнен Чанчаревиќ