
Осака ја шокираше Вилијамс во драмата на УС опен
Наоми Осака приреди сензација на УС опен во Њујорк и стана првата Јапонка во историјата што успеа да освои грен слем трунир. 20-годишната тенисерка во своето прво финале на Артур Еш стадионот го покажа огромниот потенцијал и со смирена и убедлива игра ја совлада големата фаворитка Серена Вилијамс 2:0. 16 години постарата Американка не стигна до 24 грен слем трофеј иако имаше голема подршка од 25 илјадната домашна публика, одбележувајќи го завршниот меч со своето однесување и вербалниот дуел со главниот судија на мечот.
Осака против својот идол беше немилосрдна во првиот сет во кој двапати и го одзеде сервисот за 6:2. На почетокот од вториот, Вилијамс тргна силно и поведе со 3:1 но потоа следуваше голем пресврт на Јапонката која го финишираше сетот со 6:4 за 80 минути игра, издржувајќи го комплетно притисокот во тој период кога се случи и инцидент помеѓу Вилијамс и судијата Карлос Рамос. За кршење рекет и коучирање и одзеде поен а кога го нарече крадец за навредата Португалецот и пресуди со одземање цел гејм. Вилијамс во солзи побара и супервизија но безуспешно посочувајќи дека во Њујорк пречесто и се случуваат вакви ситуации.
„Знам дека навивате за неа, извинете што заврши вака… Во секој случај ви благодарам што го гледавте нашиот меч. Мечтаев да играм во финале на Ју-Ес опен со Серена и драго ми е што имав таква можност“, истакна во обраќањето по големиот успех скромната Осака која за првата грен слем титула во кариерета инкасираше 3, 8 милиони долари.
Во машкото финале на последниот грен слем турнир сезонава за пехарот на Флешинг Медоуз ќе се борат Србинот Новак Ѓоковиќ и Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро.