
Мицкоски: Не е пристојно да откривам што лично разговарав со Меркел
Средба во пријателска атмосфера е единственото што можеше да се добие од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел. Христијан Мицкоски не сакаше да открива детали од разговорот со Меркел и пораката која таа му ја пренела, велејќи дека е непристојно да се пренесува што било разговарано на тет-а-тет средба и меѓу лидери на две сестрински народни партии.
„Навистина не би било пристојно да може да разговараме за она што е лично кажано“, рече Христија Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски иако не кажа што му рекла Меркел за референдумот, информираше што тој и пренел на неа.
„На самата средба ги истакнав оние позиции кои што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше во изминатиот период, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој Договор и не се согласува со содржината на овој Договор. Ги повторивме истите позиции. Ја информиравме канцеларката Меркел за нашата акција во рамките на т.н. „лето за Македонија“, за целокупната навигација која што ја добиваме од страна на граѓаните и информиравме дека во текот на наредната недела партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат состанок и ќе биде донесена конечната позиција“, рече Христија Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали тоа значи дека партијата го пролонгира рокот за изјаснување за позииците околу референдумот, за кој прво беше кажано дека ќе бидат соопштени на 10 септември, Мицкоски рече дека тој никогаш не поставил рок до кога ќе се изјаснат, туку дека бил погрешно разбран и пренесен од новинарите.
Иако лидерот на опозицијата не сакаже да открие што му порачала Меркел, насоката во која се движел разговорот на германската канцеларка со Мицкоски околу претстојниот референдум, може да се насети од изјавата на канцеларката која таа претходно ја даде во Владата, каде кажа која е пораката до опозицијата.
„Нему ќе му го кажам тоа што му го кажав и на премиерот Заев. И се разбира ќе зборувам и за тоа дека во една демократија за клучните прашања, тоа и во Германија беше секогаш така, се носи национална заедничка одговорност. Ќе зборуваме за тоа. Целта е за да се разговара еден со друг“, Ангела Меркел, канцелар на Германија.
Инаку средбата на Мицкоски и Меркел се одржа во германската амбасада и траеше кратко. Меркел дојде во амбасада на средба со Мицкоски, кој веќе ја чекаше таму, и замина од амбасадата во рок од 35 минути.
Тамара Грнчароска