
Тодоров: Преку затворената врата на Собранието може да се помине само ако таа е скршена
Во своето сведочење денес, тогашниот вицепремиер и министер за здравство посочи дека преку затворената врата на Собранието може да се помине само ако таа е скршена на насилен начин.
Во исказот пак, толпата која дивееше во собранието на 27 април лани, Тодоров ја опиша како ненасилна.
На крвавиот четврток, Тодоров забележал дека нешто се случува во Собранието, откако ја напуштил пленарната сала по изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом.
Пред судијата Кацарска кажа дека се обидел и да спречи дел од луѓето внатре кои сакале да влезат во кабинетот на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски.
Адвокатот Еленко Миланов смета дека Судот во испрашувањето постапил спротивно од своите овластувања. Според него, Судот треба само да го појасни тоа што останало неразјаснето, а голем дел од прашањата не биле во таа насока.
„Ова беше класичен пример на отстапување од акузаторниот начин на испитување во постапката или дека постапката ја водат Обвинителството и одбраната со директно вмешување на Судот во расчистување на работи коишто се за фактичка положба и што сметам дека е надвор од она што се законските овластувања“, рече Миланов.
На денешното рочиште ќе сведочат уште и премиерот Зоран Заев, како и Оливер Спасовски и Весел Мемеди.
Петар Догов