Само ако се остварат капиталните инвестиции, ќе дојдеме до планираниот раст, почачува гувернерката Бежовска

Владата да ги оствари планираните капитални инвестиции, од кои не се потрошени уште 300 милиони евра, само така ќе се оствари посакуваниот раст. Наспроти владиниот оптимизам дека годинава економијата сигурно ќе порасне за 3,2 отсто, гувернерката Бежовска е повнимателна, вели, и покрај значајното поместување во вториот квартал, уште има и ризици.

„Сепак, дали стапката од 3,2 отсто ќе се оствари, во голема мерка ќе зависи што ќе се случи во наредниот период. Ризиците, не можам да кажам дека не постојат, тие постојат. Со ооглед што и во првото полугодие растот е просечно 1,6 отсто, а нашите очекувања беа 3 проценти, но јасно е дека отстапувањата и потфрлањата се повторно концентрирани во сегментот на инвестициите“, вели гувернерката на НБМ, Анита Ангеловска-Бежовска.

Бројките за второто тримесечје покажаа дека градежништвото уште е слабо, има пад за 13, а бруто инвестициите потфрлиле за 11 отсто. Министерот Тевдовски ветува – ќе ги поправиме слабостите, капиталните проекти ќе забрзаат, особено во последниот квартал. Вели – сите показатели се добри, во август имавме и рекорден поврат на ДДВ од 44 милиони евра. Земјава има капацитет да го достигне планираниот раст.

„Најважно е дека економијата започнува сериозно да расте, во првиот квартал растот е 3,1 отсто. Ова што го зборувате, значи дека има сегменти, има простор, за уште пшоголемо подобрување, и ние очекуваме, и веќе се преземени чекори кои во наредните квартали ќе обезбедат раст и во градежништвото, и може да се очекува и забрзување на економијата“, вели министерот за финансии, Тевдовски.

Министерот и натаму на ставот дека ребаланс не е потребен, тој се прави само ако приходите не се остваруваат, но кај нас тоа не е случај. За отстапувањата кај расходите се прават анализи, и јавноста набргу ќе биде известена.

Наспроти претходните две години кога се воздржуваа поради политичката криза, гувернерката очекува банките до крајот на годинава да го зголемат кредитирањето на фирмите, а такви сигнали до нив прати и Народна банка, преку намалување на основната камата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ