
Столтенберг: Илузија е без Договорот за името да станете членка на НАТО
Не постои алтернатива да се отфрли спогодбата со Грција за името и да станете членка на НАТО, тоа е илузија, порача денеска во Скопје Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој ги повика граѓаните на Македонија да излезат на референдумот и да го кажат својот став, велејќи дека одлуката дали земјата ќе влезе во Алијансата е во нивни раце. Столтенберг не пропушти да каже дека ова е единствена шанса која и се пружа на земјата. Столтенберг кој денеска имаѓше средби со целиот државен врв, разговараше и со опозицијата за која рече дека е важен дел од силна демократија, но и упати и порака.
„Идејата дека постои алтернатива да се отфрли договорот со Грција и да се зачлените во НАТО, е апсолутна илузија. Ве чекаме 10 години. Подготвени сме, 29 земји-членки, вклучително и Грција, долучивме на самитот да ве поканиме. Одлучивме на Самитот да ги почнеме пристапните преговори, тие започнаа, но нема да ги завршиме пристапните преговори без да го имплементирате Договорот за името. Разбирам дека е тешко, но тоа е алтернативата. Или Договорот за името и членство или „не“ за Договорот, но со тоа и „не“ за членство“, рече Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО.
Столтенберг денеска повторно го поздрави Договорот за името велејќи дека не постои лесен компромис. Тој изјавата ја даде по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев кого за цело време го ословуваше по име, како добар пријател.
Заева пак отфрли можност референдумот да не успее, додавајќи дека цензусот за на референдум ќе биде постигнат. Заев, од пресот со Столтенберг, повторно да ја повика опозицијата да покаже единство за стратешкото членство на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Очекувам релевантните политички партии, особено опозицијата, ќе покажат единство и дека ќе се вклучат во процесите. Убеден сум дека референдумот ќе биде успешен и дека потоа ќе може да продолжиме со уставните измени без одложување. Очекувам процесот да го завршиме навреме за да може протоколот за пристапување во НАТО да бдие порпишан на почетокот на 2019“, рече Зоран Заев, премиер на Македонија.
Столтенберг утрово средбите ги започна со претседателот Ѓорге Иванов, по што разговараше и со спикерот, Талат Џафери и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на Столтенберг му го пренел ставот дека НАТО и ЕУ се стратешки цели на земјава, но оти е против дополнителни услови за тоа.
„Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Но, Европската унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор“, се наведува во соопштението за средбата на Иванoв со Столтенберг.
Мицкоски пак на генералниот секретар на Алијансата му го пренел партискиот став дека Договорот со Грција е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ. За тоа кој е ставот на партијата за референдумот тој го информирал Столтенберг дека се уште траат широките консултации во партијата и оти идната недела ќе се одржат состаноци на Извршниот и Централниот комитет по тоа прашање.
Првиот човек на НАТО денеска ги посети и припадниците на АРМ во касарната „Илинден“, каде заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на показна вежба на специјалната единица на армијата. Столтенберг ги пофали и им се заблагодари на македонските војници за нивниот придонес во мисиите на НАТО, а со тоа и за меѓународната безбедност. Тој и пред нив повтори дека НАТО е подготвено и ја чека Македонија да стане 30 земја-членка на НАТО.
Столтенберг од Македонија замина за Грција каде ќе има средба со премиерот Алексис Ципрас.
Тамара Грнчаровска