Во Стајковци санирана само една улица и тоа од НАТО

Само неколку метри ги делат улиците 24 и 25 во Стајковци. Првата е обновена и асфалтирана, втората се уште сведочи за катастрофалната поплава во ова место од пред две години. Двете улици беа најтешко погодени од водената стихија, но жителите на првата имаа среќа, токму овде да работи единицата на КФОР, што помагаше при санирање на штетите. Подоцна НАТО улицата целосно ја обнови, што беше причина денеска по неа да се прошета и генералниот секретар, Јенс Столтенберг. Жителите топло го поздравија, а дел од нив и лично му се заблагодарија за помошта. Градоначалникот му врачи благодарница, а тој  пак, зборуваше за хуманиот аспект од постоењето на Алијансата.

Доцнењето со санацијата на улицата, не е единствениот проблем останат од поплавата. Пред две години, водата што на места достигнуваше и до два метра, однесе и голем број човечки животи. Исфрлаше автомобили врз куќите, уништи многу домови, имот и покуќнина. Дел од штетата беше надоместена, но жителите и тука укажуваат на злоупотреби.

Од кабинетот на градоначалникот велат дека улицата се наоѓа во неговата програма и дека деновиве ќе почне санацијата.

Додека Стајковци чека оваа програма да се реализира и да се врати првобитниот изглед на улиците, во Скопје една друга улица го доби името Столтенбергова. Поводот повторно е помош, но во катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, од страна на таткото на актуелниот генерален секретар на НАТО, норвешки дипломат, Торвалд Столтенберг.Во знак на благодарност,  улицата што ги поврзува Градскиот парк, Стадионот и кејот на реката Вардар ќе го носи неговото презиме.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ