
По пет квартали стагнација, раст на БДП од 3,1 отсто во вториот квартал
По пет квартали стагнација и нула стапка на раст, домашниот БДП конечно исплива во позитива во вториот квартал, порасна за 3,1 отсто. Ова е добра вест, сметаат експертите, тоа е сигнал за трендот во кој би се движела економијата, особено откако ќе спласне политичката напнатост околу референдумот. Но, укажуваат и на ниската база за споредба.
„Делумно, овој раст се должи заради ниската основа, бидејќи во вториот квартал од 2017 растот беше многу слаб, и при толку ниска споредбена основа, не е чудо што сега имаме раст од 3,1 отсто. И второ, се забележува дека растот е воден од преработувачката индустрија и од разсликата меѓу извозот и увозот. Претпоставувам дека двете работи се движени главно од работата на странските фабрики, што мислам дека е главен двигател на овој раст во вториот квартал“, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.
На некогашниот мотор, градежништвото, сега никако да му тргне, пад од 13 отсто има во вториот квартал, откако во првиот се намали за дури 40 проценти. Причина, екстремно слабите капитални инвестиции. Петрески не очекува спектакуларни помесувања ни до крајот на годинава, па препорачува Владата да почне пореално да ги планира во иднина. Падот кај овој сектор делумно е и заради замрената инвестициска активност на домашните и странските фабрики. Бруто инвестициите на компаниите потфрлиле за дури 11,3 отсто.
Уметноста пораснала за 14 отсто, трговијата за 13, преработувачката индустрија за 6 отсто, но лошо е во земјоделството, со стапка од 0,3 проценти.
Домаќинствата со стапка од 2 отсто повеќе трошеле од државата, само еден процент. Извозот пораснал за 13, а увозот за 4 отсто.
Иако вториот квартал дава благ оптимизам, планот на Владата за просечен раст годинава од 3,2 отсто, за Петрески е преамбициозен, очекува стапка значајно под 3 проценти. Ребаланс, за што се појави и разногласие во Владата, вели, секако мора да има.
„Немам дилема дека ребаланс треба и дека веролјатно ќе има, веропјатно се чека да заврши референдумот и да се направи ребалансот. Точно е дека наплатата е добра во буџетот, и во тој поглед точно е дека не треба ребаланс, но ребаланс треба во однос на расходите, особено капиталните, таму има огромна подреализација и тие пари ќе треба некако да се реалозцираат и да се потрошат мудро, со цел да не се влијае дополнително негативно врз економијата“, вели Петрески.
Професорот не очекува дека владините мерки за државна помош на фирмите ќе ја дигнат економијата оваа година, повеќе ефекти ќе имаат во 2019.
Нина Нинеска-Фиданоска