
(видео) Столтенберг: Членство во НАТО без прифаќање на Договорот за името е целосна илузија
Или „да“ на Договорот за името и „да“ на референдумот или НАТО. Да се отфрли Договорот за името, а да се очекува членство во НАТО е целосна илузија, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев на крајот од неговата посета на земјава. Одговарајќи на прашање за средбите со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кои се изјаснуваат за членство во ЕУ и во НАТО, но не го прифаќаат Договорот со Грција, Столтенберг рече дека нема таква алтернатива.
Претходно во својот говор, тој рече дека за неколку седмици Македонија ја очекува референдум за договорот за името.
- Ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е прилика која се јавува еднаш во животот – да станете членка на меѓународната заедница со сите придобовки кои тоа ги носи со себе, порача Столтенберг.
Премиерот Заев од своја страна, нагласи дека поканата влијае за внатрешната кохезија и Македонија ја промовира како пример на Западен Балкан за силно лидерство.
Посочи дека Владата подготвува план за имплементација на реформите во согласност со програмата на НАТО со посебен акцент на владеење на правото.
НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македонија од тоа нема отстапување, рече Заев.
– Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Сега сме на историски крстопат за нашата иднина и убеден сум дека граѓаните ќе ги препознаат перспективите за нашата земја, изјави Заев.
Истакна дека убеден оти референдумот ќе биде успешен и ќе се постигне потребниот цензус. Уште еднаш повика сите во Македонија да застанат заедно за исполнување на стратешкиет интереси на земјата.