Санкции, а не апанажа за екс-членовите на ДИК предлагаат набљудувачите

Ароганција и недостаток од морал што треба да се санкционира, а не да се награди со мрсна апанажа. Вака изборните набљудувачи ја коментираат постапката на дел од членовите на поранешниот состав на ДИК, кои и по девет месеци од оставките, не ги вратија лап топ-овите, таблетите и мобилните телефони, со кои биле задолжени.

Поранешниот состав на ДИК си поднесе колективна оставка во декември минатата година, откако јавноста дозна за високите бонуси што си ги поделиле зад затворени врати после локалните избори. Речиси сите, после оставките побараа и добија апанажа, односно паричен надоместок во висина на платата во траење од една година. Дерала вели дека, ова за жал не е единствен пример, јавните добра да се присвојуваат и приграбуваат, а јавноста арогантно да се игнорира.Но, потенцира дека, се додека ваквите постапки не се санкционираат, праксата ќе се повторува.

Телма вчера објави дека, службените лап-топови, таблети, мобилни телефони и сим картички, се уште се во сопственост на дел од поранешните членови на ДИК. Единствените кои вратиле се, се поранешниот претседател Александар Чичаковски и потпретседателот Игор Милев. Дел од нив вратиле само по нешто, а петмина ги задржале сите електронски апарати кои им биле доделени на привремено користење. Најмногу се вратени таблетите, кои и онака не им користат многу, а дел од апаратите се и оштетени. Новиот состав користи приватни компјутери и телефони, во исчекување, нивните поранешни колеги да го вратат задолженото.

Опремата на членовите на ДИК, им следува по закон, со тоа што се должни, се` што задолжиле на реверс, да биде вратено, за да можат новите членови да го користат. Но, иако вчера ни беше ветено дека ќе ни биде дадена на увид листата на електронска опрема со која биле задолжени екс членовите, како и списокот на тоа, кој што вратил, а што задржал, од Комисијата денеска се предомислија. Побараа официјално барање по законот за пристап до информации од јавен карактер, што денеска им беше испратено.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ