
Стариот состав на ДИК си ги задржа службените лап топови, таблети, мобилни.
Службените лап-топови, таблети, мобилни телефони и сим картички, се уште се во сопственост на поранешните членови на ДИК, иако веќе девет месеци не се на функција. Единствените кои вратиле се`, се поранешниот претседател Александар Чичаковски и потпретседателот Игор Милев. Дел од нив вратиле само по нешто, а петмина ги задржале сите електронски апарати кои им биле доделени на привремено користење.
Од Комисијата велат дека, најмногу се вратени таблетите, кои и онака не им користат многу. Дел од апаратите се и оштетени. Новиот состав користи приватни компјутери и телефони, во исчекување, нивните поранешни колеги да го вратат задолженото.
Опремата им следува по закон, со тоа што се должни, се што задолжиле на реверс, да биде вратено, за да можат новите членови да го користат. Телефонски биле известени да ги вратат апаратите, но досега не реагирале. Поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи, ни одговори дека се договориле да не ја враќаат опремата веднаш, за да се заштитат од прислушкување. Тој лично ги нема вратено лап-топот и телефонот, кои вели дека не ги користи. Чека официјално барање од ДИК, а ако не го добие, деновиве лично ќе ја однесе опремата во Комисијата.
Некои од поранешните членови велат дека толку долго биле на функцијата што не се ниту сигурни што точно задолжиле, па и тие чекаат официјално барање, додека други не одговараа на нашите повици.
Инаку, поранешниот состав на ДИК си поднесе колективна оставка во декември минатата година, откако јавноста дозна за високите бонуси што си ги поделиле зад затворени врати после локалните избори.
Далиборка Демјанска