
Членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста во Македонија
Членството на Македонија во НАТО ќе биде многу добро не само за нејзината безбедност, туку и за безбендоста на целиот регион, е заедничкиот став на ученисиците на дебата за Спроведувањето на НАТО принципите во Македонија, според кои НАТО за земјава е неопходност. Рајнхолд Робе, поранешен пратеник во германскиот Бундестаг и армиски омбудсман и честиташе на Македонија на прагматичниот Договор со Грција со кој веќе нема пречки пред земјата за членство во Алијансата.
„Оптимист сум и очекувам дека Македонија ќе стане членка на НАТО и дека тоа претставува многу битен чекор за стабилизација на целиот регион. Треба да се каже, особено за скептиците и критичарите за пристапот кон НАТО: НАТО не беше основано за да води војна, не беше основано за да изнаоѓања воени средства за политичките проблеми. НАТО во прв ред е заедница на вредности на западните земји“, изјави Рајнхолд Робе, поранешен пратеник во германскиот Бундестаг и армиски омбудсман.
За министерката за одбрана членството во НАТО ќе има три ефекти за Македонија – поголема безбедност, јакнење на економијата и чекор кон членство во ЕУ. За да се исполни тоа, вели Шекеринска, треба земјава да ги обезбеди сите услови за да стане членка, од кои главен е и спроведување на Договорот со Грција. Според неа жестокиот напад врз него од опозициите во двете земји покажува дека е направен компромис кој е болен за двете страни, но истовремено и добар.
„Мислам дека е македонски национален, државен, стратешки интерес да се трудиме овој процес да го направиме ефикасно, брзо и без одолговлекување. Има македонски политичари кои што направија кариера од одолговлекување на проблемите, префрлање на некои средни“, вели Радмила Шекеринска, министер за одбрана на Македонија.
Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски зборувајќи за вредностите на НАТО како солидарност, демократија, слобода, плурализам, добрососедски односи го цитираше поранешниот генерален секретар на НАТО, Шефер, за да објасни што значи оваа организација.
„НАТО во секој случај не е хуманитарна организација, меѓутоа во секој случај, вели, поддржува и води безбедносна политика базирана на вредности. Од тука доаѓа градењето на посебна, специфична, евро-атлантска безбедносна култура. Во нејзиното јадро е заедничкото соочувањето безбедносните предизвици и проблеми“, вели Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО
И Пендаровски се осврна и на Договорот за името и ја целосно ја отфрли можноста некоја од двете страни во иднина да кажат дека тој не важи.
Тамара Грнчаровска