
Мицкоски на средба со лидерите на политичките партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес оствари средба со лидерите на политичките партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“.
Главна тема на средбата беше претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање.
Како што информираат од партијата на средбата доминирал ставот дека договорот потпишан во Нивици со соседна Република Грција е капитулантски чин и предизвикува долгорочна штета по повеќе основи.
„Со него се менува името на Република Македонија, Уставот, националниот идентитет, традицијата, историјата и културата. Со капитулантскиот договор на Заев не само што се брише македонскиот јазик и се откажува од Македонците надвор од границите на државата, Заев се откажува и од Македонците во границите на Република Македонија. Коалициските партнери се согласни дека ваквиот капитулантски договор потпишан од уценети политичари не може и не смее да биде покритие за општиот грабеж, расипништвото и хедонизмот на власта“, согласни лидерите на политичките партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“.
Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активностите на терен со цел да го слушне гласот и волјата на членовите, активистите и граѓаните врз основа на која ВМРО-ДПМНЕ ќе го донесе конечниот став по однос на референдумот.