
Новини од МОН пред почетокот на новата учебна година
Во новата учебна година се коригирани 22 учебника и истите ќе бидат доставени до училиштата, соопшти на прес конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. Покрај оваа новина, учениците од прво, второ и трето одделение ќе добијат бесплатни комплетно нови учебници, а не како досега да ги користат од нивните претходници.
Сите учебници учениците ги добиваат бесплатно, но од оваа година ќе има и можност доколку некој сака поради некоја причина да купи нов учебник тоа да може да го направи по иста цена по која ги откупува МОН.
Министерот Адеми потенцираше дека од оваа година се воведува италијанскиот јазик како втор странски јазик. Во средното образование министерот најави дека во тек е процесот на изработка на 31 учебник за стручно образование и сите се со различен статус.
Корекциите на учебниците се однесуваат на корекции на грешки од стручен, методолошки и технички аспект, како и од аспект на превод и адаптација.
На прашањето кога ќе бидат достапни сите учебници за учениците министерот рече дека ќе има задоцнување во испораката на набавените учебници и побара разбирање, со ветување дека во месец септември учениците ќе ги добијат учебниците.
Јордан Дуков