
Град Скопје „дигна рачна кочница” за гасоводот на Водно
Градот Скопје го прифати барањето на граѓанските здруженија за уште една дебата околу изградбата на гасоводот на Водно и ги стопира градежните активности на тој потег од планината.До кога ќе мируваат багерите никој не спомнува рокови бидејки прво ќе се даде простор за разговор и аргументирање на ставовите. Градоначалникот Петре Шилегов ги повика во понеделник на заедничка маса претставниците ан граѓанските организации кои секојдневно покажуваат загриженост за Водно како и институциите надлежни за изградба на гасоводот.
„Очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес. Од тие причини Град Скопје одлучи во понеделник во 13 часот во просториите на Советот на Градот да организира дијалог и дебата“, рече Шилегов.
Повикот на Шилегов доаѓа откако граѓани со денови со жив штит ја бранат шумата на Водно. Иако градот се пофали дека низ разговори и компромисни решенија е намалена ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и се направени измени на трасата во еден дел од 4 километри, активистите од еко иницијативата „Го сакам Водно“ под мотото „Не низ Водно“ направија камп во обид да ги натераат надлежните да најдат друго решение за гасоводот, кое нема да ги уништи белите дробови на Скопје.
Дел од граѓаните за Телма велат дека повикот за дебата го прифаќаат но не отстапуваат од барањето таква дебата да се одржи на национална телевизија. Остануѕваат на тврдењата дека гасоводот се гради без да се почитуваат законските прописи и дека мора да се направи ревизија на проектот
Виолета З. Стојановска