
Истражен центар по примерот на СЈО и во Правда
Министерството за правда подготвува истражен центар, што ќе работи по примерот на истражниот центар во Специјалното јавно обвинителство. Ова е дел од мерките за подобрување на борбата против корупцијата, која е цел и на скринингот што во моментов ЕУ го врши во Македонија.
Статусот на СЈО, пак, ќе се решава понатаму, преку разговори со опозицијата, затоа што е неопходно двотретинско мнозинство. Од истата причина, застој има и со Законот за јавно обвинителство, додека Изборниот законик е начелно усогласен.
Законот за судови и Законот за судски совет се усогласени, наскоро ќе бидат пуштени на јавна дебата и ќе се носат во пакет. Есента ќе биде распишан и конкурс за нови слушатели на Академијата за судии, а ќе се комплетира и Државната комисија за спречување на корупцијата. Законот со кој се прошируваат надлежностите на оваа Комисија во контролата на финансирањето на партиите, како и на имотната состојба на функционерите, од вчера е на јавна дебата. Дескоска е убедена дека, овие реформи ќе пратат сигнал за подготвеноста на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ. Вели дека, усогласувањето на македонските правни норми со европските наликува на видео игра. Кога ќе поминете едно ниво, следува друго-потешко и така се’ до врвот, но тоа не треба да не фрустрира, затоа што сите земји членки поминале низ остри критериуми.
Далиборка Дамјанска Цветановска